Патешествието наречено камп
„Човекови права, мир и толеранција“ за мене започна во раните утрински часови
во саботата на автобуската станица во Прилеп. Се сеќавам дека се уште беше
темно надвор кога се разбудив за да се подготвам. Времето беше многу топло и
речиси неподносливо. До хотелот во кој моментално сме сместени патував со
другарот од училиште, Никола.
Првиот ден беше најнапорен.
Откако се сместивме и ручавме, се собравме на вториот кат за да се запознаеме
меѓу себе и да бидеме поделени во групи. Дојде и време за вечера, па помина и
тоа. Но што сум почнала да ви раскажувам како да не бевте тука? Оф, оф, добро,
ајде ќе зборувам за тоа како јас ги доживеав изминативе четири дена.
Дојдов тука не знаејќи што да
очекувам. Не знаев кои ќе бидат моите цимерки, ниту пак какви се. Чувствував
мала доза на збунетост помешана со малку страв од непознатото. Целта на кампот
беше подобро да се запознаеме со човековите права, да се ослободиме од сите
стереотипи и предрасуди, да станеме потолерантна младина која искуството
стекнато тука ќе го пренесе на што поголем број луѓе, да се забавуваме, и да
запознаеме нови пријатели. Според мене, целта беше остварена. Барем онаа мојата
чија основа лежи во запознавањето на што повеќе нови и различни луѓе. Запознав
деца кои живеат во поинаква средина од мојата, говорат на поинаков дијалект или
на сосема друг јазик, различни од мене а сепак слични. Да не беа тие, немаше да
издржам ниту два часа, а сега не сакам да си одам дома. Ви благодарам за
дружењето чаламовци мои, и за сите часови поминати во смеа. Верувајте, толкава
количина на смеа не сум искусила цел мој живот. Велат богати се оние кои имаат
пријатели, а јас станав побогата за неколку.
Сега
додека повторно седам на скалите зад хотелот и сонцето ме пече, би ви порачала
само едно нешто: шетајте, среќавајте нови луѓе и запознајте ги пред да ги
осудите. Искуството пренесете го преку дружбата со пенкалото, моливот, четките,
камерата или со било што и да посакате. Запомнете, животот е премногу краток за
да го поминете мразејќи некого. Сакајте, тоа е многу полесно. До следниот пат,
cheers!
Елена Вандеска
No comments:
Post a Comment