Friday, August 16, 2013

27-31 јули 2013 – денови кои долго ќе останат во моето срце



Животот е еден голем роман кој има свој автор. Секој ден пополнува нова страница од овој роман, претставува ново камче кое си го наоѓа своето место во еден од најубавите мозаици, поубав и од оние во Хераклеа, мозаикот наречен живот. Секој ден нов предизвик, нови познанства, нови лекции, нови падови. Не заборавај, животот прво го дава испитот, а потоа лекцијата. Не дозволувај листовите да бидат испишани со безначајни зборови. Можеби овие листови, кои токму сега се испишуваат се и најинтересните страници од овој роман. Да, тоа се тие страници. Страниците од 27 до 31 јули. Страници во кои се појавуваат нови ликови, нови дијалекти, нови авантури.
Се почна со доаѓањето во хотелот Пела, како член на групата за креативно пишување. Тој дел од животот беше патот на кој не растеа рози со трња. Можеби тоа беше само еден од чиновите на трагедијата во која има среќни сцени, бидејќи токму тие сцени, оние кои го прават животот трагедија, не прават посилни, а оние среќните не тераат да продолжиме понатаму. Ги споменав новите ликови. Да, тука секогаш беа присутни оние кои ни помагаа и ни даваа обврски. Можеби веќе се ви е јасно. Членовите од CIVIL. Сите овие денови научив нешто многу важно. Во животот е многу важно да стекнуваш нови пријатели, без разлика на нивната верска и национална припадност, пријателства кои ќе останат до крајот на животот, бидејќи се друго избледува и полека исчезнува, само пријателството останува и продолжува да цути, иако понекогаш е зима. Да не ги заборавам и дијалектите. Зборови на кои најмногу се смеев. “Што се чаламиш?”-често знаеше да кажи Симона, “Не е зрел карпусот” и што ли уште не. Поручек, ручек, вечера во ресторанот повторно некоја врева и смеење. Се слушавме до градот. Тоа беше нашата маса. Луѓето кои најмногу се смееа и аплаудираа. Но немој да мислите дека само игравме и игравме. Ние во текот на играта и работевме и учевме. Секогаш ги надградувавме нашите  знаења. Научивме за основите на новинарството, за театарот и најважното- човековите права. Каде и да одиме, со кого и да бидеме, секогаш треба да знаеме кои се нашите права. Права кои ги има секој човек од самото раѓање. Никогаш не дискриминирај. Пред да дискриминираш, помисли како би ти било да си ти на негово место, а потоа прави како мислиш.
Навистина ова беше време за кое можам да раскажувам со денови, со месеци, со години и повторно нема да можам се да раскажам. Да раскажам за шегите, смеењето, учењето, новите пријателства... Но се што е убаво кратко трае, брзо поминува. Така и овие денови одлетаа брзо, како во сон. Одлетаа како птици. Се беше како еден убав сон. Но за разлика од другите сонови, од овој останаа некои последици: новите искуства, знаењето и најважното пријателството. И да не ги заборавам осите. Тие беа оние кои секогаш не посетуваа и ни правеа проблеми. Но и тие заземаат место во овој роман. Затоа романот живот е најубав и најинтересен. Постојано само нови заплети и расплети. Сакај го животот. Не дозволувај му да избега. Играј ја играта што тој сака да ја игра. Биди горд што токму тебе те одбрал за свој партнер, бидејќи ако размислиш внимателно ќе сфатиш дека животот е многу краток. Тој е како една епизода од еден огромен серијал кој сите ти ја раскажуваат, а ти добиваш само една улога и ако не ја одиграш правилно нема да ти се укажи втора шанса.

Никола Момироски

No comments:

Post a Comment